МИНИСТЕРКАТА БОЖИНОВСКА – Соработката со ЕИБ ќе ја зајакне енергетската независност на земјата
На средбата со потпретседателот на ЕИБ, Роберт де Грут, беше потврдена поддршката за развој на стратешки енергетски проекти во земјата.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, оствари работна средба со потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Роберт де Грут, кој е одговорен за активностите на банката во Западен Балкан, меѓу кои и Македонија. Средбата се одржа во рамките на посетата на Де Грут на земјава, а целта беше продлабочување на соработката и поддршка на стратешки енергетски проекти, информира Министерството за енергетика.
На состанокот, министерката Божиновска и потпретседателот Де Грут разменија мислења за можните идни проекти и иницијативи што би можеле да бидат поддржани од ЕИБ, со акцент на енергетската транзиција, модернизацијата на електроенергетската инфраструктура и унапредување на енергетската ефикасност.
Биле разгледани можности за комбинирана финансиска, техничка и експертска поддршка, со цел забрзување на подготовката и реализацијата на приоритетни проекти. Посебен фокус бил ставен на проектите поврзани со трафостаници и електроенергетската мрежа, преку примена на флексибилни модели на финансирање. Разговарано било и за потенцијалната вклученост на ЕИБ во активности поврзани со РЕК Битола, особено во делот на енергетската транзиција и подобрувањето на ефикасноста на производствените процеси.
ЕИБ, како што било нагласено, располага со богато искуство и експертиза во областа на енергетската ефикасност, стекнато преку успешно реализирани програми во други земји. Потпретседателот Де Грут изразил подготвеност банката да обезбеди не само финансиска поддршка, туку и техничка експертиза во развојот на национални програми за енергетска ефикасност и инфраструктура, насочени кон одржлив развој и зголемување на националниот капацитет.
Министерката Божиновска нагласила дека Македонија високо ја цени долгогодишната соработка со ЕИБ, која, како што посочи, ќе помогне во забрзување на реализацијата на клучни проекти, зголемување на енергетската независност и поттикнување на одржливоста на енергетскиот сектор.
Од Министерството дополнуваат дека ЕИБ изразила силна заинтересираност за продлабочување на партнерството и поддршка на нови иницијативи во различни сектори во земјата.


