ЦАРИНАТА РУШИ РЕКОРДИ Во буџетот над 12 милијарди денари

Зголемените контроли и подобрата институционална соработка донесоа повисоки приходи.

ЦАРИНАТА РУШИ РЕКОРДИ Во буџетот над 12 милијарди денари
Фото: Национал

Царинската управа во октомври повторно ги надмина сопствените рекорди во наплатата на приходи – во државниот Буџет се слеани 12,05 милијарди денари (околу 196 милиони евра), што е за 11,4 милиони евра повеќе во однос на истиот месец минатата година. Најголем раст, од 16,6 проценти, е забележан кај приходите од царина, соопштија од институцијата.

Од Царината посочуваат дека зголемените контроли, подобрената институционална соработка и партнерскиот однос со компаниите се меѓу главните причини за растот. Само во делот на увоз на возила, приходите се зголемени за 11 проценти. Од почетокот на годината до октомври се поднесени 89 кривични пријави за дела поврзани со возила, а вкупно 174 пријави за различни кривични дела.

Резултатите на македонската Царинска управа биле препознаени и од Европската комисија, која во последниот извештај нотирала високо ниво на напредок во поглавјето „Царинска унија“.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, во гостување во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија, истакна дека денес предизвикот е да се надминат веќе постигнатите резултати.

„Дадовме гас до максимум. Целта ни е да се надминеме самите себеси и да постигнеме уште подобри резултати. Од почетокот на годинава до октомври наплативме приходи од 1,77 милијарди евра, што е за 89,4 милиони евра повеќе од лани. Тоа се дополнителни средства за болници, училишта, патна и железничка инфраструктура – вистински поттик за економијата“, изјави Николовски.

Тој додаде дека успехот е резултат на јасна визија, поставени цели и тимска работа, со што резултатите стануваат „видливи и мерливи“.

CATEGORIES
TAGS
Share This