РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА – Паѓаат министри од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН
Неофицијално се најавуваат замени на министри од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ – Беким Сали ќе го замени Изет Меџити на позицијата прв заменик-премиер.

Се повеќе се зборува во јавноста за можна реконструкција на владата а тоа се најавува и од коалициските партнери во извршната власт, иако засега не е познато кога ќе се спроведе. Неофицијални извори на Национал од одредени партнери во коалицијата откриваат дека промените ќе опфатат министри и од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата ВЛЕН.
Притоа наведуваат дека можната реконструкција би ги опфатила следните ресори: Министер за внатрешни работи: Панче Тошковски (ВМРО-ДПМНЕ), министер за земјоделство: Цветан Трипуновски (ВМРО-ДПМНЕ), министер за култура и туризам: Зоран Љутков (ВМРО-ДПМНЕ), министерка за образование: Весна Јаневска (ВМРО-ДПМНЕ), министер за правда: Игор Филков (ЗНАМ), министер за економија: Бесар Дурмиши (ВЛЕН) и министер за европски прашања: Орхан Муртезани (ВЛЕН).
Заменик-премиерот за добро управување, Арбен Фетаи, потврди дека засега единствено познато име е Беким Сали, кој ќе го замени Изет Меџити на позицијата прв заменик-премиер. Меџити, кој воедно е и градоначалник на Чаир, досега ја извршуваше и функцијата министер за животна средина.
Фетаи најави дека партијата на Меџити ќе предложи ново име за ресорот животна средина, а лидерите на ВЛЕН утре треба да имаат состанок со премиерот Христијан Мицкоски за да се договори решението.
„Како што знаете, Демократското движење го имаше и Министерството за животна средина. Изет Меџити имаше две улоги – прв вицепремиер и министер за животна средина. Сега, партијата на Меџити ќе предложи ново име за министер за животна средина и верувам дека во текот на оваа недела, најдоцна утре, ќе се сретнеме со премиерот како мандатар и ќе ги поставиме овие прашања за да најдеме решение согласно договореното меѓу коалициските партнери,“ изјави Фетаи.
Во актуелниот состав на Владата има 15 министри од ВМРО-ДПМНЕ, 6 од ВЛЕН и 2 од ЗНАМ. Засега не е познато дали ќе има промени кај замениците-министри, но сите страни потврдуваат дека коалициските договори постигнати при формирањето на Владата ќе останат исти.


