ОД ЛИСТА НА ТЕРОРИСТИ ДО БЕЛАТА КУЌА Сирискиот претседател Ал-Шара кај Трамп
Трамп ќе го пречека сирискиот претседател по укинувањето на неговиот статус како глобален терорист

Поранешниот исламистички милитант ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа во понеделник – 11 месеци по соборувањето на режимот на Башар ал-Асад.
Неколку часа пред неговото пристигнување во Вашингтон, сириските безбедносни служби привеле десетици осомничени членови на Исламската држава. Се очекува борбата против преостанатите елементи на групата во Сирија да биде една од главните теми на разговорите меѓу Шара и Трамп.
Сириските власти соопштија дека се уапсени 71 осомничен терорист, а при акцијата се запленети и големи количини оружје и експлозив.
Откако ја презеде власта, Шара се обидува да го врати меѓународниот углед на Сирија по децении изолација и 13 години граѓанска војна.
Во септември тој учествуваше на Генералното собрание на ОН, каде изјави дека „Сирија го враќа своето заслужено место меѓу нациите“ и повика на целосно укинување на санкциите.
Советот за безбедност на ОН неодамна ја поддржа американската резолуција за укинување на мерките против Дамаск, што го означува почетокот на постепено нормализирање на односите меѓу Сирија и Западот.
Во петокот, Министерството за финансии на САД потврди дека Шара и неговиот министер за внатрешни работи, Анас Хасан Хатаб, се избришани од американскиот регистар на лица поврзани со терористички активности – „како признание за напредокот што го постигна новото сириско раководство“.
Ахмед ал-Шара, познат и под името Мухамед ал-Џавлани, беше лидер на организацијата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), која до 2016 година беше поврзана со Ал Каеда. Претходно учествувал во борбите во Ирак и бил затворен од американските сили.
Во минатото, САД нудеа награда од 10 милиони долари за информација што би довела до негово апсење.
Трамп првпат се сретна со него во мај годинава во Ријад, каде што го опиша како „цврст човек со силен карактер и визија“.
Иако неговото минато е контроверзно, Ал-Шара добива поддршка од дел од западните и регионалните влади како лидер што ветува умереност и стабилност во поствоена Сирија.
Тој најави реформи во безбедносните служби и борба против злоупотребите, особено против оние инволвирани во насилства врз алавитското малцинство.
Сепак, ситуацијата во земјата останува кревка – со нови судири меѓу сунитските бедуински племиња и милициите на Друзите што остава отворено прашање дали владата на ХТС навистина може да ја воспостави трајна стабилност по повеќе од една деценија војна.


