РЕД ВО ХАОСОТ – Министерството за енергетика ги брани парите на граѓаните
Министерството веќе покрена 17 постапки за наплата на долгови во вкупна вредност од 32,8 милиони денари, од кои дел завршиле со спогодби и позитивни пресуди

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини воспостави системски пристап за заштита на државата и за првпат активно покренува тужби за наплата на долгови од должници.
Секторот беше затекнат со бројни судски предмети каде државата беше тужена, без соодветна грижа за одбраната на јавниот интерес. Со новиот пристап, Министерството активно се вклучува во сите постапки, бара стручни вештачења и ја координира одбраната со Владата, истовремено иницирајќи и нови тужби за наплата на долговите на државата.
Министерката Сања Божиновска истакна:
„Во изминатите години државата немала активна правна заштита. Сега се менува пристапот: активно се вклучуваме во секоја судска постапка, штитиме средства на граѓаните и ставаме ред во правните процеси.“
При преземањето на надлежностите, Министерството затекна шест судски предмети вредни 421.862.824 денари, поднесени против Министерството за економија. Преку активна одбрана, две тужби во вредност од 315 милиони денари беа одбиени, а вкупната вредност на предметите против министерството е намалена на 106,8 милиони денари.
При увидот во докуменцијата, правниот сектор констатираше дека претходно не се покренувале тужби против должници за неплатен надомест. Сепак, во соработка со Секторот за минерални суровини, утврдено е дека постојат застарени побарувања и неплатени концесиски надоместоци за кои државата има право да бара наплата.
Министерството веќе покрена 17 постапки за наплата на долгови во вкупна вредност од 32,8 милиони денари, од кои дел завршиле со спогодби и позитивни пресуди. Исто така, на Управен суд се водат околу 20 предмети поврзани со концесии, со позитивни исходи за државата.
Од Министерството потенцираат:
„Нашата должност е да ги заштитиме буџетските средства, да го прекинеме долгогодишниот хаос и да ставиме ред во сите правни процеси. Така ја браниме државата, а пред сè – интересот на граѓаните.“


