30 СЕПТЕМВРИ 2018 – Денот кога Македонија го победи предавството
Сепак, за Единствена Македонија и за мене лично останува недвосмислено: Преспанскиот договор мора да биде поништен.

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
1 октомври, среда, 2025 година
Пред седум години, на 30 септември 2018 година, македонскиот народ извојува историска победа – неуспехот на референдумот за промена на името и членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на Преспанскиот договор. И покрај сите притисоци, народот покажа дека не прифаќа бришење на македонското име, идентитет, историја и традиција.
За жал, годишнината од овој значаен настан помина во целосен молк од страна на институциите и партиите. Ниту збор не се кажа за големата демократска победа на народот против една марионетска власт и нејзините странски газди. Единствена Македонија остана единствениот глас кој потсетува и ја продолжува битката.
Како дојде до победата?
На 30 јули 2018 година Собранието распиша референдум со прашањето: „Дали сте за членство во Европската Унија и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“
Веднаш по ова, Единствена Македонија, по одлука на своите органи – Извршниот и Централниот комитет, го усвои патот на бојкот. Причината беше јасна: власта и странските центри зад неа ќе водат агресивна и нерамноправна кампања. Стратегијата беше со бојкот да се обезбеди неуспешност на референдумот.
Со таа цел, на 5 август 2018 година, во хотел Континентал, Единствена Македонија заедно со 28 здруженија го потпиша Меморандумот за стратешка соработка и формирање Кризен штаб. Во наредните недели се приклучија уште десетици организации, односно, на 5 септември 2018 година во седиштето на Единствена Македонија, Меморандумот го потпишаа уште триесет и шест македонски здруженија од земјата и странство, а девет дена подоцна уште 20 здруженија. Вкупно 84 организации – партијата Единствена Македонија и 83 македонски здруженија од земјата и странство се здружија во „Македонија – Бојкотира“.
Така се создадоа две спротивставени кампањи: Владината на марионетата Зоран Заев, под слоганот „Излези за Европска Македонија“, и националната, предводена од Единствена Македонија, со јасната порака „Македонија – Бојкотира“.
Кампањата на власта беше обележана со: силни притисоци врз вработени и ранливи категории, митинзи со донесени луѓе, 3,5 милиони евра буџетски средства потрошени за промоција, полнење гласачки кутии во делови со албанско население, целосна медиумска контрола и странска пропаганда.
Во Македонија тогаш дојдоа Ангела Меркел, Тереза Меј, Јенс Столтенберг, Федерика Могерини, Јоханес Хан, Џејмс Матис и други странски политичари – сите активно агитирајќи за Заев и против Единствена Македонија и мене лично, ширејќи лаги за наводни „руски пари“ и „руско влијание“.
Кампањата на Националниот блок, пак, беше сосема спротивна: целосно игнорирана од медиумите, водена со непосредни средби со граѓаните, со брендираниот автобус кој помина 10.000 километри низ Македонија, со симболичен буџет од 20 илјади евра (половина од нашинците од странство, а останатите дел од мене и дел партиски средства на Единствена Македонија). На пример, како претседател на Единствена Македонија во кампањата немав ниту една изјава за македонски медиуми а имав дури триесетина изјави/интервјуа за најопознатите светски медиуми.
И покрај сите ресурси на власта и огромниот меѓународен притисок, на крај победи народот. Референдумот беше прогласен за неуспешен од Државната изборна комисија.
Со тоа, народот јасно кажа: НЕ за промена на името, НЕ за бришење на македонскиот идентитет, НЕ за уцени и притисоци од странство.
Иако волјата на народот беше јасна, владата на марионетата Заев ја погази. Наместо да ја прогласи неважноста на Договорот со Грција, продолжи со уставни измени и го воведе Преспанскиот договор во правниот поредок.
Сепак, за Единствена Македонија и за мене лично останува недвосмислено: Преспанскиот договор мора да биде поништен.
30 септември останува симбол на народната победа над сите притисоци. Тој ден ја покажа вистинската сила на македонскиот народ, кој знае да ја брани својата држава и идентитет.
Битката продолжува, но фактот е запишан: народот победи на референдумот од 2018 година.
Најсумарно, тоа се фактите за референдумот одржан на 30 септември 2018 година. Се разбира, секој има право на сопствено мислење за ова значајно поглавје од нашата историја, но, никој нема право на сопствени факти.



