ПО 13 ГОДИНИ ИЗГРАДБА Скопје доби нов црковен дом

Осветувањето беше следено и надвор од храмот преку видео-бимови и директни снимки од дрон.

ПО 13 ГОДИНИ ИЗГРАДБА Скопје доби нов црковен дом
Фото: Национал

Со денешното осветување на новоизградениот храм „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан истакна дека ова е семакедонски и сеправославен подвиг, кој сведочи дека нашиот народ останува црквоградител, а Македонија земја храм и крст.

Церемонијата започна во 8:30 часот со ѕвонење на камбаните и траеше околу три часа, на која присуствуваа голем број верници, премиерот Христијан Мицкоски, владини претставници, партиски лидери, академици, професори, стопанственици, монаси и монахињи.

„Овој храм убавец е радост за сите сетила. Но, убавината не е цел сама по себе – таа е патоказ кон Бог. Храмот не е место за да ја покажуваме нашата слава, туку за да се осветуваме, да ги прочистуваме срцата и просветлуваме умовите,“ нагласи г.г. Стефан.

Тој потсети дека црквата е местото каде се крштеваме, венчаваме, замонашуваме, каде се служат богослужби, а најмногу – светата литургија. „Храмот ќе биде нем сведок ако не е исполнет со живи души. Најубав храм е оној во кој има верен народ,“ додаде архиепископот.

Граѓаните го оценија настанот како голем чин и исполнување на долгогодишна потреба Скопје да добие нов молитвен дом во центарот на градот.

Осветувањето беше следено и надвор од храмот преку видео-бимови и директни снимки од дрон.

Изградбата на храмот започна во 2012 година, а во 2024 беа интензивирани работите, со што по 13 години е целосно завршено и внатрешното уредување и околниот простор.

CATEGORIES
TAGS
Share This