Притисоците врз македонскиот национален идентитет: правни и политички аспекти
Нема таков заобиколен механизам преку кој би разговарале со Бугарија, бидејќи за нив и натаму не постоиме како македонски народ

Колумна, Национал
проф. д-р Игор Јанев
Недела, 21 септември 2025 година
Не се можни преговори со Бугарија, а дополнително, за идентитетот не смее да се преговара освен доколку не сакаме еден ден сите да станеме Бугари. Бугарите сакаат јавно да признаеме дека отсекогаш сме биле Бугари и дека досега лажно сме се претставувале.
Затоа е целиот овој притисок, така што единствен начин да излеземе од овој лавиринт е да се повлечеме од двата договора, оној со Грција и оној со Бугарија.
Ние во суштина немаме никаков спор со Бугарија, како што некој сака да го претстави тоа, бидејќи спор за инхерентните природни права е невозможен, де факто непостоен, така што нема зошто да се преговара.
Секое оспорување на националниот идентитет, по дефиниција, е недозволено во меѓународното право. Никој не може да оспорува дека постои овој или оној народ (пр. дека не постојат Македонци) и да бара формален договор за сопственото национално укинување или делегитимирање. Од друга страна, Бугарија никогаш нема да допушти преговарање без да се отвораат спорните прашања.
За нив вистинскиот предмет на преговори е нашиот идентитет. Ист беше случајот со оспорувањето на името од страна на Грција. Проблемот за Грција беше во нашиот идентитет. Таков предмет во согласност со меѓународното право е забранет за преговори бидејќи навлегува во строгата внатрешна јурисдикција на државата.
Ако дозволуваме надворешна интервенција за името и идентитетот, тогаш не може да се нарекуваме суверена држава, туку територија со население.
Во една ваква констелација, клучното прашање е како да се најде некаков механизам настрана од непостојното бона фиде за да се разговара со Бугарија на повеќе нивоа и области и да не се доведеме во ситуација целосно да се урнисаат македонско-бугарските односи, кои никогаш не биле полоши.
Нема таков заобиколен механизам преку кој би разговарале со Бугарија, бидејќи за нив и натаму не постоиме како македонски народ. За какви разговори и соработка тогаш правиме муабет кога соговорникот ни вели дека не постоиме.


