МИЦКОСКИ ГО ЗАТВОРИ ПРАШАЊЕТО Бадентеровото мнозинство е завршена тема

Секоја евентуална промена на Бадентеровото мнозинство би барала уставни измени и двотретинско мнозинство во Собранието - нешто што во моментов изгледа невозможна мисија.

МИЦКОСКИ ГО ЗАТВОРИ ПРАШАЊЕТО Бадентеровото мнозинство е завршена тема
Фото: Национал

Изјавата на министерот за правда Игор Филков, дека „можеби е време да се ревидира Бадентеровото мнозинство“, предизвика силни реакции во јавноста. Премиерот Христијан Мицкоски веднаш одговори со став дека ова прашање е затворено.

Филков во интервју за „Фокус“, направено пред саботното гласање во Собранието за измените на Изборниот законик, изјави дека доколку Бадентеровото мнозинство се злоупотребува, треба да се размисли за негова ревизија, бидејќи „Македонија мора да оди напред“. Гласањето тогаш пропадна бидејќи пратениците на ДУИ беа против.

Мицкоски, пак, подвлече дека Бадентеровото мнозинство е составен дел од Охридскиот рамковен договор, кој е вграден во Уставот, и дека тоа прашање е решено. Според него, вистинскиот институционален проблем бил т.н. „балансер“, кој беше укинат од Уставниот суд. Наместо тоа, владата предлага Закон за правична застапеност кој, освен етничката компонента, ќе ги оценува и квалитетите и компетенциите на кандидатите. Законот е доставен до Венецијанската комисија, од која се очекува мислење.

На ставот на Филков остро реагираше ДУИ. Портпаролот Арбер Адеми порача дека идеите за ревизија се опасни бидејќи можат да ги нарушат меѓуетничките односи и ја обвини Владата дека систематски го напаѓа Охридскиот договор. Како примери ги посочи укинувањето на „балансерот“, непочитувањето на правичната застапеност и албанскиот јазик, како и укинувањето на статусот на правно лице на Инспекторатот за примена на Законот за јазиците.

Третиот коалициски партнер во Владата, албанската платформа „Вреди“, засега не се изјасни за предлогот на министерот Филков.

Секоја евентуална промена на Бадентеровото мнозинство би барала уставни измени и двотретинско мнозинство во Собранието – нешто што во моментов изгледа невозможна мисија.

CATEGORIES
TAGS
Share This