98. ДОДЕЛУВАЊЕ НА ОСКАРИ – Еве кои се годинашните добитници

Норвешкиот филм го доби „Оскарот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

98. ДОДЕЛУВАЊЕ НА ОСКАРИ – Еве кои се годинашните добитници
Фото: Принтскрин

Американската Академија за филмски уметности и науки го одржа 98. доделување на „Оскарите“ во „Долби театарот“ во Лос Анџелес. Церемонијата ја водеше Конан О’Брајен, а големиот победник на вечерта беше политичко-акциониот трилер „Една битка по друга“ (One battle after another), кој освои шест од вкупно 13 номинации.

Филмот доби „Оскари“ за најдобар филм, најдобра машка споредна улога (Шон Пен), најдобар кастинг (Касандра Кулукундис), монтажа, како и за најдобра режија и адаптирано сценарио, награди што му припаднаа на Пол Томас Андерсон.

Во својот говор по прифаќањето на наградата, Андерсон се пошегува:

„Треба човек да работи напорно за еднa од овие статуетки. Навистина го ценам ова! Тоа беше прекрасно патување.“

Тој додаде и лична порака:

„Го напишав овој филм за моите деца, за да им се извинам за „нередот во домаќинството“ што го направивме на овој свет што им го оставаме. Но, исто така, и со охрабрување дека тие ќе бидат генерацијата што ќе ни донесе малку здрав разум и пристојност.“

Филмот со најмногу номинации, „Грешници“ (Sinners), освои четири „Оскари“ од 16 можни. Овој психолошки хорор-трилер беше награден за најдобра главна машка улога (Мајкл Б. Џордан), оригинално сценарио (Рајан Куглер), оригинална филмска музика и кинематографија.

Наградите за најдобра женска главна и споредна улога ги добија Џеси Бакли за „Хамнет“ и Ејми Мадиган за „Момент на исчезнување“.

„Оскарот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје му припадна на норвешкиот филм „Сентиментална вредност“ (Affeksjonsverdi).

Други добитници на награди се „Франкенштајн“ за најдобра шминка и фризура, костимографија, „Ф1“ за најдобри звучни ефекти, „Аватар: Оган и пепел“ најдобри визуелни ефекти, „К-поп ловци на демони“ најдобра филмска песна и најдобар долгометражен анимиран филм, „Г-н Никој против Путин“ за најдобар долгометражен документарец и „Сите празни соби“ за најдобар краток документарец.

CATEGORIES
Share This