63 ЖИВОТИ ЗГАСНАА – Судењет за „Пулс“ започна емотивно со обвинителот Јанев
Обвинителот Јанев го опиша клубот како „подготвена замка“ уште од 2012 година.

На денешното судење за трагедијата во дискотеката „Пулс“, обвинителот Борче Јанев го започна воведното излагање со длабоко емотивни, а истовремено прецизни правни зборови, опишувајќи го „непрекинот синџир на непостапување“ што резултираше со смртта на 63 млади луѓе. Главен удар беше насочен кон сите институции, а особено кон сопственикот на клубот, Дејан Јованов, кој според обвинението уште од 2012 година создал објект што наместо ноќен клуб, се претворил во „подготвена замка“.
„Безбедноста во Пулс никогаш не постоела“, рече Јанев, истакнувајќи дека клубот функционирал со затворени излези, обложен со токсични материјали, без противпожарен систем, аларми, прскалки или хидрантна мрежа. Обвинителот посочи дека токму Дејан и Михајло Јованов го договориле настапот на групата ДНК и користењето пиротехника – практика што се повторувала повеќе пати. Опасните „фонтански уреди“, поставени на сцената од сега починатиот Мартин Атанасовски, биле искрата што го запалила плафонот обложен со високо токсичен сунѓер, кој сопственикот го поставил „на своја рака“.
„Таму каде што требало да има безбедност, имало бензин“, нагласи Јанев. Клубот бил преполн со над 600 гости, во простор со дозволен капацитет далеку помал, а обезбедувањето, ангажирано од обвинетото правно лице „Рубикон“, не спровело ниту основна контрола на влезот, ниту проверка на опасни предмети.
„Во ниту еден момент немало грижа за безбедноста. Не виделе, не реагирале, не спречиле затоа што никогаш не го ни правеле тоа“, потенцираше обвинителот.
Јанев исто така оцени дека повеќе институции подолго време не реагирале на незаконското работење на клубот.
„Претходникот го учел следбеникот на молчење. Сите го наследувале и го прифатиле молкот како службен протокол“, рече тој.
Нагласува дека ова не е случај на единечен пропуст, туку на заедничко и континуирано соизвршителство, бидејќи сите обвинети „дале свој особен придонес кон настапената ужасна последица“.
Во еден од најемоционалните моменти, Јанев рече:
„63 животи згаснаа. Тоа не се бројки. Тоа се имиња, семејства, недоживеани утра и празни домови.“
Тој нагласи дека трагедијата можела да биде спречена доколку барем една институција или едно одговорно лице, вклучително и сопственикот Дејан Јованов, ја исполнело својата законска обврска.
„Ако Пулс ги исполнуваше стандардите, ако вратите беа проодни, ако материјалите не беа отровни пожарот ќе беше инцидент, а не масовна гробница“, заклучи Јанев, потенцирајќи дека ова судење е клучен момент за вистината и правдата за жртвите.


