6.000 ОБИДИ ЗА ИЛЕГАЛЕН ВЛЕЗ ВО МАКЕДОНИЈА – МВР успешно сузби 14 криминални групи

Справувањето со илегалната миграција останува еден од врвните приоритети на Министерството за внатрешни работи, што го потврдуваат и резултатите постигнати во периодот од 1 јули 2024 до 30 јуни 2025 година.
Во овој 12-месечен период, МВР успешно сузби 14 организирани криминални групи во кои учествувале 201 физичко и 18 правни лица. Откриени се 64 случаи на криумчарење мигранти, при што биле опфатени околу 430 лица. Благодарение на засилените контроли, спречени се дури 6.000 обиди за илегално транзитирање, што е речиси 50% помалку во споредба со претходната година.
Во соработка со Европската агенција ФРОНТЕКС, се спроведуваат континуирани операции за зајакнување на граничната контрола и намалување на безбедносните ризици. Покрај миграцијата, МВР откри и други тешки кривични дела: фалсификување пари, тероризам, проституција, висока корупција во вредност од над 16 милијарди денари, недозволена трговија со дрога и нови случаи на криумчарење мигранти поврзани со меѓународни криминални мрежи.
Министерството потенцира дека бескомпромисната борба против илегалната миграција и организираниот криминал ќе продолжи како еден од стратешките приоритети за заштита на безбедноста и правниот поредок. Со силна меѓународна соработка и решителни домашни акции, МВР испраќа јасна порака: за криминалот нема место во нашето општество.


