ЗАТВОРЕНИ 226 НЕЛЕГАЛНИ ОНЛАЈН КАЗИНА Удар врз казино мафијата
Вицепремиерот апелираше до граѓаните, особено младите, да не стануваат жртви на измамнички онлајн платформи и да повлечат средства од нелегалните сајтови.

Во период од помалку од два месеци, Владата затвори 226 интернет страници за нелегално онлајн коцкање, соопшти денеска на прес-конференција вицепремиерот и еден од лидерите на коалицијата „Вреди“, Изет Меџити. Ова, како што нагласи, претставува директен удар врз криминална мрежа која со години била заштитувана од структури блиски до претходната власт.
„Затворија 226 нелегални страници за онлајн коцкање, и ова не е конечен број. Ова е резултат на нашиот интензивен труд да се спречи ширењето на оваа криминална мрежа која во минатото била поддржана од една политичка партија која била директно вмешана во коцкарската индустрија, особено во албанските средини“, рече Меџити.
Тој оцени дека претходната власт, преку ДУИ, го овозможила неконтролираното ширење на казина и нелегални платформи, кои ја „преплавиле“ јавноста, особено во албанските населби.
„Тоа што ДУИ го направи со албанското општество е катастрофа, за што ќе има одговорност“, истакна Меџити.
Според него, Владата за една година успеала да го намали влијанието на игрите на среќа за 40 проценти.
„Денес коалицијата Вреди руши коцкарски империи изградени врз сиромаштијата и очајот, и гради иднина“, додаде тој.
Вицепремиерот апелираше до граѓаните, особено младите, да не стануваат жртви на измамнички онлајн платформи и да повлечат средства од нелегалните сајтови.
Тој најави и подготвување на нов закон за игри на среќа, кој ќе биде значително поостар, со зголемени казни за 50 до 70 проценти.
„Ние не сме сојузници на коцкањето, туку заштитници на семејствата. Казината не се развој, туку уништување. Времето на казино мафијата заврши“, заклучи Изет Меџити.


