50.000 ЕВРА ПОТКУП ЗА ПОТПИС- Судот испрати четворица во притвор, петтиот дома под надзор
Полицијата и обвинителството открија мрежа на корупција поврзана со распределба на европски земјоделски фондови

Судија на претходна постапка по денешното сослушување на петмината осомничени за поткуп поврзан со ИПАРД-програмата донесе решенија со кои четворица добија мерка притвор од 30 дена, а едно лице – мерка куќен притвор.
Од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека за лицата Џ.Н., А.Ф., Ф.Ф. и И.С. бил прифатен предлогот на јавниот обвинител, при што на сите четворица им е определен притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото. За петтоосомничената Ј.К. судот го прифатил изменетиот предлог на обвинителството и определил куќен притвор. Против решенијата странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал вчера попладне ги лишиле од слобода петте лица – меѓу нив и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, управител на правно лице, како и уште тројца, вработени во УЈП и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои делувале како посредници при давањето поткуп.
Притоа, при претрес е пронајден и одземен дел од парите – 400 евра, кои, според обвинителството, претставуваат дел од ветената сума од 50.000 евра за незаконито доделување на финансиски средства од ИПАРД Програмата (Мерка 3).
Според истрагата, првоосомничениот управител на правното лице, од февруари до ноември оваа година, повеќепати директно или преку посредници му ветувал пари на директорот на Агенцијата, иако неговата компанија не ги исполнувала условите од Јавниот повик бр. 01/24. Сепак, директорот, по прифатеното ветување за подарок, го потпишал договорот за користење средства и примил дел од парите.
Останатите осомничени, меѓу кои даночен референт во УЈП и државен службеник во Министерството за земјоделство, го искористиле своето влијание и службена позиција за да поттикнат извршување на противзаконитото дејствие.
При претреси на повеќе локации биле пронајдени и одземени пари во значителен износ, соопштија од МВР.

