ПРЕСВРТ ВО ВТОРИОТ ИЗБОРЕН КРУГ ВО РОМАНИЈА Проевропскиот кандидат со победа над крајната десница
Победата на Дан се гледа како силен сигнал за продолжување на европскиот курс на земјата, во време на зголемени тензии и растечко влијание на популистичките сили во регионот.

Проевропскиот градоначалник на Букурешт, Никусор Дан, извојува победа во вториот круг од претседателските избори во Романија, покажуваат речиси конечните резултати објавени вечерва.
Според досега преброените над 90 проценти од гласовите, кандидатот на центарот обезбеди околу 54 проценти од поддршката на избирачите, осигурувајќи си предност пред својот ривал, Ѓорѓе (Џорџ) Симион, лидер на крајно десничарската партија АУР, кој освои 46 проценти од гласовите.
Победата на Дан се гледа како силен сигнал за продолжување на европскиот курс на земјата, во време на зголемени тензии и растечко влијание на популистичките сили во регионот.
Очекувањата се дека новоизбраниот претседател ќе продолжи со реформскиот курс и зацврстување на врските со Европската Унија.
Романија е сведок на изборен пресврт по триумфот на десничарскиот кандидат Симион во првиот круг од изборите одржан на 4-ти мај.
Тоа може да смета и за пресврт од резултатите од поништените избори одржани пред шест месеци, на кои победи кандидатот на десницата Калин Ѓорѓеску. Тие избори беа поништени од Уставниот суд, наведувајќи го руското мешање во изборниот процес во корист на Ѓорѓеску, што Москва го негираше.
Официјалните конечни резултати се очекуваат во текот на наредните денови.


