40 МИНУТИ БЕЗ КОНТАКТ СО ЗЕМЈАТА – Астронаутите влегуваат во најопасната зона

Екипажот на Artemis II постави нов рекорд, надминувајќи ја историската мисија Apollo 13.

40 МИНУТИ БЕЗ КОНТАКТ СО ЗЕМЈАТА – Астронаутите влегуваат во најопасната зона
Фото: Принтскрин

Мисијата Artemis II постави нов историски рекорд, надминувајќи го достигнувањето на Apollo 13 и станувајќи најдалечното човечко патување од Земјата досега.

Според NASA, „Аполо 13“ во 1970 година достигнал растојание од 400.171 километри, додека „Артемис II“ ќе стигне до околу 406.700 километри, што значи нов рекорд поголем за приближно 6.600 километри.

Екипажот, составен од Reid Wiseman, Victor Glover, Christina Koch и Jeremy Hansen, се наоѓа на 10-дневна мисија околу Месечината и прва ваква по повеќе од половина век.

Пред да го урнат рекордот, астронаутите ги пригушиле светлата во вселенското летало „Орион“ и се подготвиле за историскиот момент, додека летаат зад Месечината. Во тие моменти добиле и емотивна порака од легендарниот астронаут Jim Lovell, кој им го „предал факелот“ на новата генерација истражувачи.

За време на прелетот зад Месечината, екипажот ќе биде целосно отсечен од Земјата околу 40 минути, бидејќи природниот сателит ќе ги блокира сите комуникациски сигнали. Во тој период тие ќе набљудуваат, фотографираат и анализираат делови од површината, вклучително и ретко проучувани региони.

Мисијата не предвидува слетување, туку орбитирање и враќање на Земјата, при што ќе се собираат клучни податоци за идните лунарни мисии. Дел од задачите вклучуваат и истражување на потенцијални места за слетување и фотографирање на планетите во Сончевиот систем.

По обиколката околу Месечината, леталото ќе се врати кон Земјата, со планирано слетување во Тихиот Океан. Оваа мисија претставува важен чекор кон повторно испраќање луѓе на површината на Месечината и понатамошни истражувања на длабоката вселена.

CATEGORIES
TAGS
Share This