35. МАРШ СО СОЛЗИ И ПОРАКА Болката не минува, правдата се чека за „Пулс“
Родителите на загинатите деца и по 35-ти пат маршираа низ Кочани, барајќи одговорност и правда

Во Кочани денеска се одржа 35. „Марш за ангелите“, во организација на родителите на загинатите млади во пожарот во дискотеката „Пулс“. Маршот повторно беше обележан со тишина, солзи и силни пораки за правда, а пред присутните се обратија неколку родители на настраданите деца.
Особено потресен беше говорот на таткото на Надица Наунова, девојката која утре требаше да го прослави својот 18. роденден. Со солзи во очите, тој зборуваше за неописливата болка со која живее неговото семејство, нагласувајќи дека смртта на неговата ќерка не е „божја волја“, туку последица на корупција и неодговорност.
Тој откри дека Надица често го молела семејството да се иселат од Македонија, но таа желба никогаш не била исполнета.
„Го славиме твојот небесен роденден, ќерко моја. На 8 март Надица ѝ го подари последниот подарок на својата мајка – мал, но исполнет со бескрајна љубов. Не знаевме дека тоа ќе биде нејзиното последно ‘те сакам’ преточено во дело. Тој ден седнавме да ручаме како вистинско семејство, се смеевме и зборувавме за 28 декември, денот кога мојата прва рожба требаше да наполни 18 години. Планиравме музика, ди-џеј, фустан, гости, торта… Тоа не беа само планови, тоа беше живот што го очекувавме. Но, на 16 март сè згасна“, рече таткото низ солзи.
На маршот беше прочитано и писмо од мајка на едно од загинатите момчиња, посветено на нејзиниот син и на неговите пријатели, кои својата прва Нова година, наместо со најблиските, ја „дочекуваат“ на небото.
„Требаше овде да се слуша вашиот глас, вашата смеа и љубов. Наместо тоа, останаа тишина, крик, болка и солзи. Среќна ви прва небесна Нова година, ангели наши. Славете како што знаевте, радосни и разиграни, како таа кобна ноќ“, пишува мајката.
Во пораката таа ја истакнува и последната желба на семејствата:
„Имаме уште една желба, правдата да пресуди за вашето прерано заминување. Ако таа се исполни, ќе знаеме дека навистина постои правда.“


