27.000 СТУДЕНТИ ВЕЌЕ ГИ ЗЕМАА ВАУЧЕРИТЕ Дали некој се обидува да ги препродава
Премиерот Мицкоски нагласи дека обидите за препродавање се неуспешни поради личните податоци.

Повикот за студентски ваучери за електронски уреди има голем одзив. Заклучно со вчера, 27.000 студенти ги подигнале своите ваучери, истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Во однос на шпекулациите дека некои студенти ги препродаваат ваучерите, тој нагласи дека тоа е прашање на лична совест:
„Како ќе се искористат, тоа го оставаме на совеста на оние кои ги користат. Владата го започна овој проект, го ветивме и како и многу други, го спроведуваме до крај. Секако, има случаи кога некој може да ги препродава по пониска цена, но мислам дека тоа е неуспешно, бидејќи ваучерите се поврзани со лични податоци. Таквите обиди се јалови и не ме загрижуваат, подвлече Мицкоски.
Студентите можат да аплицираат за ваучери во висина од 15.300 денари за набавка на електронски уреди. Јавниот повик е отворен до 20 декември 2025 година, а подигањето на уредите треба да се реализира најдоцна до 31 декември 2025 година.

