МИЛАНОВИЌ ЈА ШОКИРАШЕ СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА – Има успешен живот и без ЕУ
Хрватскиот претседател ја пречека македонската претседателка во Загреб.

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, ја пречека претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во Загреб. На заедничката прес-конференција, Милановиќ истакна дека патот на Македонија кон Европската унија е предолго одолговлекуван и дека земјата треба сама да одлучи што е најдобро за неа.
„Македонија сама треба да одлучи дали членството во ЕУ е тоа што е најважно, без да ѝ се наметнуваат нереални барања. Европската унија, па дури и НАТО, се фасада и важна е внатрешната стабилност и носечките структури на државата“, рече Милановиќ.
Тој додаде дека тоа е негово лично гледиште и дека слично важи и за Хрватска.
Претседателот подвлече дека има успешен живот и без Европската унија и нагласи дека Македонија треба да процени што е најдобро за нејзините граѓани, без туѓо менторство или манипулации.
Сиљановска-Давкова се согласува дека патот кон ЕУ е долг и неоправдано попречуван. Таа нагласи дека најчесто од земјата се бараат промени кои не се дел од Копенхашките критериуми, како промена на Уставот, што претставува сериозен предизвик.
„Нашата цел е исти стандарди како што се бараат од другите земји. Граѓаните се обединуваат околу стратешката определба за ЕУ како заеднички дом“, рече Сиљановска-Давкова.
Милановиќ коментираше и за вооружувањето на Србија од страна на Израел, предупредувајќи дека купувањето на екстремно офанзивно оружје претставува безбедносен предизвик за регионот. Тој истакна дека хрватските власти треба да постават прашања кон Израел за овие набавки.
Претседателката Сиљановска-Давкова, која е во официјална посета на Хрватска, ќе се сретне и со премиерот Андреј Пленковиќ. Таа ќе положи венци на Споменикот на татковината и на спомен-бистата на Блаже Конески во градскиот парк „Бундек“.


