24 ГОДИНИ ТАГА И ГОРДОСТ Македонија се сеќава на хероите од Вејце
Од присутните беше упатен уште еден повик до властите конечно да изградат трајно и достоинствено спомен-обележје на ова место.

На местото викано „Бреза“, на патот од Тетово кон село Вејце, денес беше одбележана 24-годишнината од еден од најкрвавите настани во конфликтот од 2001 година, кога во вооружен напад животите ги загубија осум македонски бранители.
Пред импровизираната спомен-плоча со имињата на загинатите – Игор Костески, Миле Јаневски, Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Марјан Божиновски, Кире Костадиновски и Бошко Стојановски – делегации на бранителите, Армијата, специјалните единици, политички партии и здруженија положија букети со свежо цвеќе.
На настанот се обрати Марјан Најдов од Одборот на бранители, кој истакна жртвата на паднатите бранители е вградена во зачувувањето на државните граници и унитарноста на Македонија.
„Денес стоиме тука со тажни, но и горди срца. Тие дадоа сè што имаа – својот живот – за иднината на сите граѓани без разлика на вера и националност“ – рече Најдов.
Од присутните беше упатен уште еден повик до властите конечно да изградат трајно и достоинствено спомен-обележје на ова место. Во изминатите години, поставуваната мермерна плоча со имињата на загинатите повеќепати била уништувана од засега непознати лица.
Настанот помина мирно и достоинствено, во знакот на почит кон паднатите херои и со порака дека нивната жртва нема да биде заборавена.


