ПАНЧЕВСКИ КОНТРА СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ – Покажа потврда за работно искуство
Поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд објави потврда за стаж од 12 години, над законскиот минимум за државен јавен обвинител

Поранешниот претседател на Основниот кривичен суд во Скопје, Владимир Панчевски, брзо реагираше со конкретен доказ откако Советот на јавни обвинители денеска ја одби неговата кандидатура за државен јавен обвинител.
Советот ја отфрли кандидатурата со образложение дека Панчевски не го исполнува законскиот услов за 10 години непрекинат стаж како судија или обвинител во областа на кривичното право.
Сепак, Панчевски објави официјална потврда на својот Фејсбук профил, издадена од Основниот кривичен суд Скопје, која директно ја оспорува одлуката. Во потврдата, потпишана од судскиот администратор Дејан Нешовски, стои дека тој бил судија од 8 февруари 2008 до 28 јули 2020 година.
Вкупниот стаж изнесува 12 години, 5 месеци и 20 дена, што го надминува законскиот минимум. Панчевски работел во Одделението за организиран криминал и корупција, претходна постапка и прекршоци, а исто така бил и претседател на Основниот кривичен суд Скопје.
„Историјата бележи. Ви благодарам на сите добронамерни луѓе и пријатели кои желат Македонија конечно да стане правна држава“, напиша Панчевски.



