35 ГОДИНИ МАТИЦА МАКЕДОНСКА – Чувар на македонската книжевност
Првата издавачка куќа во самостојна Македонија го одбележува својот значаен јубилеј.

Оваа година се одбележуваат 35 години од формирањето на првата издавачка куќа во самостојна Македонија – „Матица македонска“. Иницијатор на ова значајно дело беше поетот и критичар Раде Силјан, кој замисли книга во секој македонски дом и создавање на книжевно јадро кое ќе ги афирмира македонските автори и ќе донесува светска литература на македонски јазик.
„Матица македонска“ досега има објавено над 3.000 наслови со повеќе од шест милиони примероци, опфаќајќи дела за македонската историја, култура, уметност, како и преводи на светски книжевни ремек-дела. Преку годините стана дом на најголемите македонски писатели и критичари.
Јубилејот ќе се чествува цела година, со почеток на 5 февруари на зимскиот саем на книгата „Книга во секој дом“, кој ќе понуди јубилејни попусти од 35% до 80%. Во рамките на годинешните изданија ќе бидат претставени нови книги од македонски автори, избрани дела од класиката и продолжувањето на преводната литература.
Со својот јубилеј, „Матица македонска“ ја потврдува својата улога како чувар на македонскиот културен идентитет и како мост кон светската литература.

