20 ГОДИНИ МЕПСО – Преносниот систем е наш приоритет порача министерката Божиновска
Инвестициите и модернизацијата се стратешки приоритети за стабилен и одржлив систем

По повод одбележувањето на 20-годишнината од постоењето на МЕПСО, беше потенцирана клучната улога на преносниот систем во обезбедувањето стабилност и безбедност на електроенергетскиот сектор во државата.
На настанот, Сања Божиновска со почит ја прими благодарницата како признание за партнерството со МЕПСО, истакнувајќи дека најголемото достигнување на еден преносен оператор е кога системот функционира тивко, сигурно и без прекини.
„Зад таа тишина стојат генерации инженери, диспечери и техничари кои 24 часа дневно, без пауза, го одржуваат балансот на електроенергетскиот систем на државата“, нагласи Божиновска.
Таа додаде дека преносната мрежа претставува еден од клучните столбови на државниот суверенитет и дека без силна и стабилна инфраструктура не може да се реализира зелената транзиција, интеграцијата на нови обновливи извори, ниту европската интеграција во енергетиката.
„Инвестициите, модернизацијата и дигитализацијата на МЕПСО се наши стратешки приоритети“ – порача Божиновска.
Таа нагласува дека континуираниот развој на преносната мрежа е предуслов за сигурен, одржлив и конкурентен енергетски систем.
Во рамки на одбележувањето на јубилејот, беше изразена благодарност до сите вработени и поранешни генерации кои две децении ја чуваат стабилноста и хармонијата на електроенергетскиот систем.


