ЈСП СО ИЗМЕНЕТ РЕЖИМ Известување за распоредот за претстојните празници

Јавниот превоз во Скопје за време на новогодишните празници ќе функционира по изменет режим, а промени ќе има и во работното време на билетарниците, центрите за персонализација и Жичницата, информираат од ЈСП Скопје.
Денеска автобускиот сообраќај се одвива според редовниот зимски возен ред. Утре, на 1 јануари, автобусите ќе сообраќаат по неделен распоред, при што првите поаѓања на возилата на ЈСП Скопје и на приватните превозници ќе започнат подоцна од вообичаеното. Останатите линии ќе се реализираат согласно неделниот возен ред.
Од петок, 2 јануари 2026 година, јавниот превоз преминува на редуциран делничен зимски возен ред, кој ќе биде на сила до завршувањето на зимскиот училиштен распуст.
Покрај измените во сообраќајот, ќе има и прилагодување на работното време на продажните пунктови. Денеска, шесте центри за персонализација, како и билетарниците на Зелено пазарче, Бутел пазар и во Ѓорче Петров, ќе работат до 16 часот, додека останатите билетарници ќе бидат отворени само во прва смена, до 14 часот.
На 1 јануари, дежурни ќе бидат Центарот за персонализација во Транспортниот центар и билетарницата на Жичницата, кои ќе работат од 11 до 17 часот. Од 2 јануари, сите билетарници и центри за персонализација ќе продолжат со редовното, вообичаено работно време.
Жичницата денеска ќе биде во функција од 10 до 15 часот, додека на 1 јануари ќе работи од 11 до 17 часот. Последното возење во двата правци – од подножјето кон врвот и обратно – е закажано во 16:30 часот.
Од ЈСП Скопје апелираат граѓаните навреме да се информираат за измените и да го планираат своето движење за време на празниците.


