180.000 МАКЕДОНЦИ СО БУГАРСКИ ПАСОШИ Ковачев бара тие јавно да се објават
Ковачев тврди дека преку новиот закон конечно ќе се покаже „вистинската бројка“ на Бугарите во Македонија.

Бугарскиот европратеник од Европската народна партија (ЕПП), Андреј Ковачев, побара итно усвојување на измените во Законот за бугарско државјанство, за време на средба со бугарски новинари во Брисел.
Ковачев истакна дека постојниот закон е „нелогичен и нефункционален“ кога станува збор за признавање и легитимирање на бугарската заедница во Република Северна Македонија.
„Законот за бугарско државјанство мора итно да се промени. Ве молам оваа порака да ја пренесете до сите членови на бугарскиот парламент и до министерот за правда“, изјави тој.
Според Ковачев, предложените измени предвидуваат дел од личните податоци на лицата кои стекнале бугарско државјанство да станат јавно достапни, со цел да се потврди нивната самоидентификација како етнички Бугари.
„Предвидено е воспоставување јавен регистар во Министерството за правда, со ограничен број податоци – името и местото на живеење на лицата кои добиле бугарско државјанство.
Според нашите информации, станува збор за над 170 до 180 илјади граѓани од Македонија, а во моментов се обработуваат уште околу 15 до 20 илјади барања,“ посочи европратеникот.
Тој објасни дека сите подносители доброволно доставиле документи со кои докажале бугарско потекло преку нивните предци – учество во егзархијата, војската или бугарските училишта и потпишале декларација дека се чувствуваат како етнички Бугари, врз основа на што го стекнале бугарското државјанство.


