18. КОНГРЕС НА ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски со повик да престанеме да бидеме публика во својата држава

Мицкоски ја презентираше визијата на партијата за Македонија во 2030 година и повика на храбри одлуки

18. КОНГРЕС НА ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски со повик да престанеме да бидеме публика во својата држава
Фото: Национал

Во преполната сала „Јасмин“ во Кавадарци, ВМРО-ДПМНЕ го одржува својот 18. конгрес, кој следува по изборните победи во 2024 и 2025 година. Тие победи ѝ дадоа на партијата чувство на супериорност на политичката сцена, со контрола над сите нивоа на моќ – од локалните до врвните структури на државата. Сега пред ВМРО-ДПМНЕ стои задачата да испорачува, не само она што е ветено, туку и она што ќе дојде неочекувано.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во воведното обраќање пред делегатите и гостите, ја презентираше визијата на партијата за Македонија во 2030 година, поврзувајќи ги со веќе познатите цели за иднината на државата.

Во секој политички миг се поставува прашањето што ја мери зрелоста на една нација: дали сме генерација што сака да продолжи со очекување, или да ја прекине навиката на одложување? Нема враќање назад. Овој конгрес е мост меѓу она што бевме и она што мора да станеме. Нашата одговорност не е да ја повториме историјата, туку да ја создадеме иднината“, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека Македонија има голем потенцијал и неискористена сила, која треба да се ослободи.

„Нашата цел е да го вратиме чувството дека земјата не се води според инерција, туку според визија, принципи и достоинство, а не според страв“, рече лидерот.

За местото на Македонија во Европа и светот, Мицкоски потенцираше дека европската и евроатлантската интеграција не смее да се сведува на пасивно прифаќање или безусловна зависност.

„Малата држава може да биде силна ако има самодоверба и јасен став за своите интереси. Македонија мора да знае да каже ‘да’ кога тоа е во нејзина корист, но и ‘не’ кога се загрозуваат нејзините принципи и достоинство“, додаде тој.

Лидерот ја повтори партиската стратегија за патот кон ЕУ, истакнувајќи дека компромисите во меѓународната политика може да бидат технички, но не и суштински: Националниот идентитет не е предмет на преговори, почитта кон другите идентитети е вредност, но не на сметка на сопствениот, јазикот, историјата и културата се фундаментални столбови на државата и државното достоинство не е само реторика, туку практична политика.

Во својот говор, Мицкоски истакна дека државата не се гради со зборови, туку со карактер, дека иднината не ја носат храбрите говори, туку храбрите одлуки и дека во животот на секоја генерација постои момент кога историјата престанува да биде учебник и станува обврска, а пред нас е точно тој момент.

„Денес, тука, не зборуваме само за програми, за платформи, за бројки или мерки. Зборуваме за нешто поголемо. За обновата на македонската самодоверба. За враќање на чувството дека оваа земја не е случајност, туку наследство, не е експеримент, туку победено право, не е компромис, туку завет од генерации што се бореле за да постоиме ние. И затоа, нашиот повик денес е повисок од политиката. Тој е повик да престанеме да бидеме публика во сопствената држава. Да престанеме да дозволуваме стравот, цинизмот или навиката да го определуваат нашиот пат. Македонија не смее да живее во дефанзива. Таа мора да застане исправено, со достоинство, со јасна мисла и со волја што не се крши“, рече Мицкоски.

Во својот говор, Мицкоски истакна и економски аспекти:

„Економската сила ја одредува државната сила. Македонија мора да се ослободи од моделот на ниска продуктивност и зависност од увоз и да премине кон економија заснована на знаење, технологија и иновации. Модернизацијата на бизнис секторот, дигиталните технологии и технолошките паркови ќе создадат работни места со висока додадена вредност и ќе го зголемат извозниот капацитет.“

Нека се слушне од оваа сала, посочи Мицкоски до секој дом во земјава, дека ова е времето на создавање не на чекање, на визија не на страв, на обединување не на пресметки, на изградба не на извинување.

„Македонија влегува во деценијата на зрелост. А ние, собрани денес, сме должни да бидеме генерацијата што ќе ја постави темелната линија, дека државата може, дека државата знае и дека државата ќе успее. Ова е нашето ветување. Ова е нашиот завет и ова е нашата мисија“, порача Мицкоски.

Конгресот беше отворен за јавноста за време на говорот на Мицкоски, а потоа делегатите во затворен дел ќе дискутираат за минатото и иднината на партијата во наредните четири години. Сосема сигурно, Мицкоски ќе биде реизбран за претседател, бидејќи е единствениот кандидат, а овој мандат ќе биде негов последен според Статутот на партијата. Исто така, ќе бидат избрани и членовите на Централниот комитет.

CATEGORIES
TAGS
Share This