ПРОШИРУВАЊЕ НА ИСТРАГАТА СО НОВИ 19 ОСОМНИЧЕНИ ЗА КОЧАНИ – Побаран ефективен притвор за четворица, за седумина куќен притвор, а за седум мерки за претпазливост

Вкупно 44 физички лица и 3 правни лица се осомничени од ОЈО Кочани.

ПРОШИРУВАЊЕ НА ИСТРАГАТА СО НОВИ 19 ОСОМНИЧЕНИ ЗА КОЧАНИ – Побаран ефективен притвор за четворица, за седумина куќен притвор, а за седум мерки за претпазливост

По вчерашното проширување на истрагата за страшната трагедија во Кочани со нови 19 осомничени, денеска Јавното обвинителство побара ефективен притвор за четворица нови осомничени, за седумина куќен со забрана за комуникација, а за седум мерки за претпазливост, кажа денеска државниот обвинител Љупчо Коцевски за вчерашната акција. Заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска одржаа заедничка прес-конференција во Обвинителството.

Меѓу новите осомничени се и двајца поранешни и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и актуелниот генерален инспектор во ДЗС. За нив Коцевски рече дека комплетно ги запоставиле своите надлежности од Законот за заштита и спасување и во Законот за инспекциски надзор.

„Низ годините не спровеле мерки на следење и инспекциски надзор на дискотеки и кабареа, не само во неисправната дискотека во Кочани, туку во ниту една друга дискотека или кабаре и друг угостителски објект во Македонија. Со тоа тие го нарушиле системот на заштита и спасување и ги изложиле граѓаните на опасност од пожари во непроверените објекти“, рече Државниот обвинител.

Со пропусти и непостапување, со давањето и продолжувањето на лиценците за работа на клубот „Пулс“ кој не исполнувал ни минимум од пропишаните безбедносни стандарди, овие поранешни министри и веќе притворениот екминистер за економија Крешник Бектеши, ги држеле во опасност животите на луѓето кои со години доаѓале во дискотеката „Пулс“.

„Актуелниот министер за економија не е уапсен и осомничен, зашто во време на неговиот мандат не била ни барана, ни дадена лиценца за клубот „Пулс“, кажа Коцевски.

Пожарот во неисправната дискотека „Пулс“ настана при користење пиротехнички средства на концертот настапот на група ДНК, при што загинаа 61 лице меѓу кои 6 деца, а повредени се 197 лица од кои 25 деца.

Вкупно 44 физички лица и 3 правни лица се осомничени од ОЈО Кочани. Седум полицајци се осомничени од Обвинителство за организиран криминал и корупција и тие се во притвор.

Амбасадорот во Норвешка Дритон Кучи, кој исто така бил поранешен министер за економија како приведените ексминистри Ваљон Сарачини и Беким Незири, уште не е вратен во Македонија. Тој вчера најави дека ќе дојде со првиот авион.

Од локалната власт, освен тројцата градоначалници, има сомневања дека поради неизвршување на контрола во објектот, во континуитет со години, одговорни се и тројца градежни инспектори од Општината. Тие постапувале спротивно на Законот за градење и на Законот за инспекциски надзор и воопшто не извршиле инспекција во објектот кој од лесна индустрија, бил наменет во угостителски објект и работел така над една деценија, загрозувајќи ги животите на луѓето кои го посетувале.

„Тимот обвинители што ја води истрагата сега брои 13 луѓе. Сè уште се прибираат докази иако веќе ги има илјадници, како што кажа Коцевски. Тој најави успешна истрага и прецизна и конкретна одговорност кај секој што е одговорен за трагедијата. Засега сите се осомничени за „Тешки дела против општата сигурност“, а кога ќе се соберат сите докази, можно е да се утврдат и други дела од Кривичниот законик“, кажа Обвинителот.

CATEGORIES
Share This