СОБРАНИЕ: Усвоен буџетот за 2026 година
Буџетот изнесува 6,7 милијарди евра, со проектиран раст на БДП од 3,8%

По дведневна расправа, Собранието денеска го усвои Буџетот за 2026 година. За него гласаа 71 пратеник, 14 беа против, а воздржани немаше.
Буџетот за следната година изнесува околу 6,7 милијарди евра, со проектиран раст на БДП од 3,8% и инфлација од 2,5%. Вкупните приходи се предвидени на 374,9 милијарди денари, расходите на 414,2 милијарди денари, а буџетскиот дефицит на 39,2 милијарди денари, што претставува 3,5% од планираниот БДП.
Пратениците од владејачкото мнозинство истакнаа дека буџетот обезбедува поддршка за бизнисот, ја штити пензионерската популација преку зголемување на пензиите и носи силен инфраструктурен бран со изградба на патишта, училишта и градинки. Според нив, овие проекти ќе придонесат за подобар живот на граѓаните.
Од опозицијата, пак, го критикуваат Буџетот како нереален и политички мотивиран. Тие укажаа дека за првпат доцни исплатата на социјалната помош, туѓата нега и МојДДВ, додека платите стагнираат, иако власта се фали со раст на БДП во третиот квартал. Опозицијата посочува дека Македонија има најниска минимална и просечна плата во регионот и обвинува дека Владата избегнува да се вклучи во решавањето на проблемот со растот на минималната плата, оставувајќи синдикатите и работодавачите сами да се договараат.


