14 ГОДИНИ БЕЗ ГОЦЕ АРНАУДОВ – Гласот на македонската естрада
Музиката и патриотизмот на Гоце Арнаудов продолжуваат да живеат

На денешен ден пред 14 години, Македонија загуби еден од своите најголеми музичари – Гоце Арнаудов. Во 2011 година, на 6 декември, на 52-годишна возраст, тој ја изгуби битката со ракот на белите дробови во клиника во Франција, а беше погребан во својата родна Струмица.
Гоце, познат како еден од најенергичните македонски пејачи, и покрај болеста продолжуваше да настапува, секогаш нагласувајќи дека не сака да мисли на болеста. Македонија и Струмица се збогуваа со големиот пејач и патриот, но неговите песни остануваат живи – „Што ќе остане од Македонија“, „Проклети да се предавниците“, „Ех да беше стрела песната“, „Дали чекаш стара мајчице“, „Ќе пијам ќе лумпувам“, „Свири мајсторе“, „Полни бре меанџијо“…
Роден на 19 август 1959 година во Струмица, Гоце уште на десетгодишна возраст почна да свири гитара и да пее во групата на својот татко. По завршувањето на средното образование ја формира групата „Крик“, со која настапува низ цела поранешна Југославија. Во 1993 година се враќа во Македонија, каде брзо ги освојува симпатиите на публиката и музичката критика, предизвикувајќи еуфорија на секој настап и освојувајќи први места на речиси сите фестивали на кои учествува.
Во 1994 година на Фолк фест Валандово, со песната „Дали чекаш стара мајчице“, ги освои сите можни награди, а таа песна и денес е меѓу омилените фолк хитови. Со над 200 изведени песни и учество на стотици фестивали, од кои на повеќе од 60 освојувал прво место, пет години по ред беше прогласуван за најпопуларна личност во Македонија. На Фолк-фест Валандово му се доделени 22 награди, а многу од неговите песни ја освојувале и публиката и телевизискиот аудиториум.
Арнаудов неколкупати ја добил наградата за интерпретација на фестивалот „Гоце Фест“, редовно гостувал во Европа, Америка и Австралија и учествувал на добротворни концерти. Во 2000 година, во Струмица, организирал концерт на стадионот пред 10.000 публика, а првите луѓе на градот му ја доделиле наградата за пејач на деценијата и титулата почесен граѓанин.
Гоце Арнаудов останува еден од најзначајните гласови на македонската музичка сцена, а неговата музика и патриотска посветеност продолжуваат да живеат.


