„12“ НА СИНИША ЕВТИМОВ Најдобра претстава на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп
Фестивалот и оваа година потврди дека останува витален простор за промоција и вреднување на најдобрите дострели на македонската театарска сцена.

Претставата „12“, работена по мотиви на култното дело „12 гневни луѓе“ од Реџиналд Роуз, во адаптација и режија на Синиша Евтимов и во продукција на Македонскиот народен театар (МНТ), е прогласена за најдобра претстава на 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што се одржа во Прилеп.
Жирито, составено од Лилија Абаџиева – театарска режисерка од Бугарија (претседателка), Нела Оташевиќ – продуцентка од Црногорското народно позориште, и Иван Медениц- театролог и професор од Белград, ѝ додели на претставата „12“ три престижни признанија: награда за најдобро уметничко остварување во целина, специјална награда за колективна актерска игра и наградата „Димче Трајковски“ за машка епизодна улога за актерот Оливер Митковски.
Фестивалот беше свечено отворен токму со оваа претстава, која постави висок уметнички стандард на годинешното издание.
Наградата за најдобра режија, со мнозинство гласови, ја доби Ќендрим Ријани за претставата „Слепци“ во изведба на Турскиот театар – Скопје.
Мартин Мирчевски е добитник на наградата за најдобра главна машка улога за ликот на Доне Совичанов во „Црно семе“ на Народен театар – Битола. Признанието за главна женска улога ѝ припадна на Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата „Сите прекрасни нешта“ на театарот „Ацо Шопов“ – Штип.
Ана Ристоска Трпеноска ја освои наградата за современ драмски текст за делото „Парови“ во изведба на Драмски театар – Скопје. Младинските актерски награди им беа доделени на Атанас Атанасовски (улога на Оскар Медисон во „Пар-распар“ – Театар Комедија) и на Слаѓана Вујошевиќ за улогата во „Слепци“.
За најдобра женска епизодна улога беше наградена Маја Љутков за улогата на Гвендолин Пиџн во „Пар-распар“.
Во останатите категории беа доделени следните награди:
-
Рекламен материјал: Медина Хоџа („Слепци“)
-
Кореографија и сценски движења: Васил Зафирчев („Рацин“, театар „Џинот“ – Велес)
-
Музика („Филип Стевановски“) – едногласно: Сашко Костов („Рацин“)
-
Костимографија: Самка Фери („Ричард III“)
-
Сценографија: Валентин Светозарев („Рацин“)
-
Современа сценска драматизација и адаптација – едногласно: Јелена Цветановска („Црно семе“, Народен театар – Битола)
Фестивалот и оваа година потврди дека останува витален простор за промоција и вреднување на најдобрите дострели на македонската театарска сцена.


