12 АПРИЛ Е КЛУЧЕН ЗА УНГАРИЈА – Унгарија нема да има „пробриселска и проукраинска влада“

Финансиската помош зависна од прекинот на нафтената блокада.

12 АПРИЛ Е КЛУЧЕН ЗА УНГАРИЈА – Унгарија нема да има „пробриселска и проукраинска влада“
Фото: Принтскрин

Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, денес изјави дека Будимпешта нема да поддржи испраќање финансиска помош во Украина додека, како што ја нарече, „нафтена блокада“ не биде прекината. Тој ги отфрли тврдењата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ЕУ може да одобри заем од 90 милијарди евра за Украина.

„Претседателот Зеленски греши, бидејќи во Европската унија постојат јасни правила: Брисел може да ги одобри тие 90 милијарди евра само со едногласност“, рече Сијарто.

Тој додаде дека ставот на Унгарија е јасен: „прво нафта, потоа пари“.

Сијарто истакна дека Украина треба да ја прекине „нафтената блокада“, да го врати снабдувањето со сурова нафта кон Унгарија и да обезбеди гаранции дека блокадата нема да се повтори.

Тогаш би можело да се разговара за финансиска помош.

Сијарто оцени дека сегашната унгарска влада ќе победи на парламентарните избори на 12 април и дека Украинците кои се обидуваат да влијаат на изборите ќе мора да се соочат со последиците. Тој го нарече изборниот ден клучен не само за Унгарија, туку и за Украина.

Нафтата преку нафтоводот „Дружба“ кон Унгарија и Словачка престана да тече на 27 јануари. Украина тврди дека причината е руски напад врз нафтената инфраструктура во градот Броди, регион Лавов. Премиерите Орбан (Унгарија) и Роберт Фицо (Словачка) се сомневаат дека Киев користи ситуацијата за политички притисок. Украина ги отфрла обвинувањата и работи на санирање на инфраструктурата.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на предизборна конференција изјави:

„Лидерството на ЕУ ја турна Европа во неодржлива ситуација, бидејќи Брисел не ги стави европските луѓе на прво место, туку мигрантите. Европската демократија умира под Брисел поради економски пропаѓања, политичка цензура и мрежи од невладини организации.“

Орбан порача дека во Унгарија нема да има „пробриселска и проукраинска влада“. Победата на Доналд Трамп ја оцени како успех за патриотските сили во светот.

Орбан го пофали Хавиер Милај во Аргентина за економски реформи и намалување на сиромаштијата. Наведе победи на националните десничарски сили во Чешка (Андреј Бабиш) и најави враќање на патриотските сили во Полска. Го пофали Милорад Додик за отпорност кон американски санкции и притисоци, истакнувајќи ја важноста на Република Српска како „силен пријател на Унгарија“.

CATEGORIES
Share This