1000 ЗА 1000 НЕ БЕШЕ ДОВОЛНО Денеска во Истанбул трета рунда преговори
Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп изрази незадоволство од постапките на Русија и предупреди дека ќе воведе 100% царини ако не се постигне договор за прекин на огнот во рок од 50 дена.

Денес во Истанбул започнува третата рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина. Овој турски град останува главна преговарачка платформа, откако првите две средби се одржаа на 16 мај и 2 јуни.
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, на 21 јули изјави дека составот на руската делегација останува непроменет и дека таа повторно ќе биде предводена од претседателскиот помошник Владимир Медински.
Од украинска страна, претседателот Володимир Зеленски ја формираше новата делегација, предводена од Рустем Умеров, поранешен министер за одбрана и актуелен секретар на Советот за национална безбедност и одбрана. Во делегацијата се вклучени и претставници на украинската разузнавачка служба, Министерството за надворешни работи и кабинетот на претседателот.
Песков ја потврди подготвеноста на Москва за учество во преговорите, но нагласи дека двете страни имаат „фундаментално различни позиции“, веќе дефинирани во меморандумите разменети на претходните рунди.
Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп изрази незадоволство од постапките на Русија и предупреди дека ќе воведе 100% царини ако не се постигне договор за прекин на огнот во рок од 50 дена. Кремљ ги оцени овие изјави како сериозни и најави дека претседателот Владимир Путин ќе се изјасни по прашањето кога ќе смета дека е соодветно.
Првите директни преговори по речиси три години се одржаа на 16 мај, кога страните постигнаа договор за размена на заробеници по формулата „1000 за 1000“, како и за подготовка на предлог за евентуален прекин на огнот. Втората рунда, одржана на 2 јуни, донесе размена на меморандуми со предлози за решавање на конфликтот и нов договор за размена на воени заробеници.


