ВОЛ СТРИТ И НАТАМУ РАСТЕ Без влијание политичката блокада

Њујоршката берза ја затвори сесијата со нови рекордни височини за индексите Dow Jones и S&P 500, иако тргувањето остана претпазливо поради отсуство на свежи економски податоци.
Dow Jones се искачи за 0,17 % и достигна 46.519 поени, S&P 500 забележа раст од 0,06 % на 6.715 поени, додека технолошкиот Nasdaq напредна за 0,39 % и се искачи на 22.844 поени. Најголемиот придонес за растот на Nasdaq дојде од акциите на технолошките гиганти Nvidia и Apple.
Иако Dow Jones остана неколку поени под рекордот, двата индекса Dow и S&P ја заокружија сесијата со нови историски нивоа. Тргувањето беше умерено бидејќи федералните институции моментално се затворени поради несогласувањата во Конгресот околу финансирањето на владините служби.
Аналитичарите предупредуваат дека политичката блокада би можела да трае подолго од вообичаено. „Со оглед на поларизацијата и тврдите ставови од обете страни, не би ме изненадило ако блокадата потрае повеќе од вообичаено“, изјави Џим Бејрд од Plante Moran Financial Advisors.
Дополнителна поддршка на пазарот даваат и очекувањата дека Федералните резерви ќе продолжат со намалување на каматните стапки. Со последните податоци за вработеноста кои укажуваат на слабеење на пазарот на трудот, аналитичарите предвидуваат дека до крајот на годината каматите ќе бидат намалени двапати, секојпат за по 0,25 процентни поени.


