ПЕТ ПРЕТСТАВКИ ОД ГРАЃАНИ ДО ФЗО ЗА КАРДИОЛОШКИ СЛУЧАИ – Следува онлајн состанок со странските експерти

Директорот на ФЗО, Клековски, потврди дека институцијата е активно вклучена во процесот

ПЕТ ПРЕТСТАВКИ ОД ГРАЃАНИ ДО ФЗО ЗА КАРДИОЛОШКИ СЛУЧАИ – Следува онлајн состанок со странските експерти
Фото: ФЗО

Стручната комисија за кардиохирургија веќе работи на анализата на спорните случаи, во која се вклучени и двајца претставници од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). До ФЗО досега се доставени пет претставки од граѓани, кои се проследени до Комисијата.

Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, најави дека првиот состанок на министерот со странските експерти, кои треба да ја извршат финалната ревизија, ќе се одржи онлајн, а потоа експертите ќе пристигнат и во земјава.

„Комисијата активно работи и очекуваме на следниот состанок да се презентираат првите анализи. Дополнителни материјали ќе продолжат да се разгледуваат, а конечната ревизија ќе ја направат странските експерти. Очекуваме договорот за нивниот ангажман наскоро да биде потпишан. Првиот состанок ќе биде онлајн, а потоа ќе следи и нивно доаѓање за директна работа,“ изјави Андовски на новинарско прашање.

Директорот на ФЗО, Клековски, потврди дека институцијата е активно вклучена во процесот:

„Фондот административно ги провери случаите и доставените коронарографии, кои ги поврзавме со пациентските досиеја. Петте претставки од граѓани се веќе проследени до Стручната комисија. Министерот побара и Лекарската комора да изврши контроли во сите јавни и приватни установи. Сите пристигнати материјали ќе се сумираат, а само проблематичните случаи ќе бидат испратени на супервизија кај странските експерти за да добиеме неутрален и објективен увид,“ нагласи Клековски.

CATEGORIES
TAGS
Share This