ПАРИТЕ ВЕЌЕ НЕ СЕ ПРОБЛЕМ – Научниците да творат, државата ќе финансира, најави Јаневска на промоцијата на првиот етимолошки речник
Министерството за образование ја нагласува важноста на науката преку етимолошкиот речник

Првиот том на Македонскиот етимолошки речник претставува капитално дело за македонскиот јазик, литературата и науката. Овој проект е доказ дека кога државата инвестира во наука, а научниците со посветеност истражуваат и создаваат нови вредности, резултатите се значајни и трајни.
На промоцијата на речникот, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, истакна дека ова е еден од научно-истражувачките проекти финансирани од државниот буџет во 2025 година. Автор на речникот е проф. д-р Гоце Цветановски, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Јаневска нагласи дека Министерството за образование и наука, со поддршка од Владата, ќе продолжи да ја зголемува поддршката за научни истражувања. Во 2025 година, со 374 милиони денари беа финансирани 40 научно-истражувачки проекти на државните универзитети, факултети, научни институти и МАНУ. Во наредниот период, вложувањата во науката ќе бидат уште поголеми.
Минатата година буџетот за наука се речиси двојно зголеми во однос на 2024 година и изнесуваше 680 милиони денари, а за 2026 година се обезбедени 773 милиони денари.
„Македонија мора да се сврти кон науката ако сака да направи исчекор во сите сфери. Пресилно долго сме заробени во навики и модели кои не водат кон напредок. Светот и регионот се движат со брзи чекори, а ние не смееме само да гледаме“, изјави министерката Јаневска.
Таа додаде дека финансирањето на издржани научни проекти веќе нема да биде проблем. Со новите закони за високо образование, за научно-истражувачка дејност и за квалитет во високото образование, ќе се создаде стабилна основа за развој на науката. Единствено што е потребно е научниците и професорите да сакаат да творат.


