НАСА ГО ПОДГОТВУВА АРТЕМИС II – Првиот лет со екипаж околу Месечината по 50 години

Четири астронаути на 10-дневна мисија околу далечната страна на Месечината

НАСА ГО ПОДГОТВУВА АРТЕМИС II – Првиот лет со екипаж околу Месечината по 50 години
Фото: Принтскрин

НАСА планира да го лансира „Артемис II“ на 6 март – првата мисија со екипаж околу Месечината по повеќе од 50 години. Четворица астронаути ќе поминат 10 дена патувајќи околу другата страна на Месечината и назад, отворајќи го патот за идните слетувања, известува Би-Би-Си. Ова ќе биде и најдолгиот досега човеков вселенски лет.

Датумот на лансирање беше утврден по успешната „мокра генерална проба“ и клучен тест во кој ракетата се полни со гориво и се симулира целосно одбројување. Тоа беше втор обид на тимот на „Артемис“ во Вселенскиот центар Кенеди, Флорида. Првиот тест на почетокот на февруари беше прекинат поради истекување на водородното гориво. Лори Глејз од НАСА потврди дека сите проблеми, вклучително со заптивките и филтрите, се решени.

„Успеавме целосно да ја напојиме ракетата SLS и успешно да спроведеме симулација на одбројувањето“, изјави таа.

Екипажот на „Артемис II“ го сочинуваат тројца Американци, Рид Вајсман, Виктор Гловер и Кристина Кох и еден Канаѓанец, Џереми Хансен. Патувањето ќе започне со џиновската ракета „Space Launch System“ (SLS), висока 98 метри, која досега летала само еднаш, во ноември 2022, за време на „Артемис I“, но без екипаж.

Астронаутите ќе бидат сместени во капсулата „Орион“ на врвот на ракетата. Со големина на минибус, таа ќе им биде дом следните десет дена, каде што ќе живеат, јадат, работат и спијат.

Првиот ден ќе го поминат во орбитата околу Земјата. Доколку сите системи функционираат нормално, потоа ќе се упатат кон Месечината. Патувањето до таму ќе трае околу четири дена, при што „Орион“ ќе ја заобиколи далечната страна на Месечината и онаа што никогаш не ја гледаме од Земјата.

Тие ќе летаат на надморска височина од 6.500 до 9.500 километри над месечевата површина, посветувајќи неколку часа на набљудување и фотографирање. По прелетувањето, следува четиридневно враќање кон Земјата и слетување на капсулата во Тихиот Океан.

CATEGORIES
Share This