МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК – Богатство и идентитет на Македонците во Албанија

Македонскиот јазик се зборува во Преспа, Голо Брдо, Гора, Девол и повеќе градови

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК – Богатство и идентитет на Македонците во Албанија
Фото: Принтскрин

Во пресрет на 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствената партија на Македонците во Албанија, истакнува дека „македонскиот јазик е богатство на културата и идентитетот на македонската заедница во Албанија“, пренесува МИА.

Честитајќи го денот, партијата посочува дека преземањето активности за заштита на мајчините јазици е клучно за обезбедување секоја култура да го зачува својот идентитет и културното богатство.

„За македонската заедница во Албанија е важно да има можност да го изучува, студира и користи својот мајчин јазик без дискриминација. Мајчиниот јазик е многу повеќе од средство за комуникација и тој го претставува идентитетот и културата на еден народ и е богатство кое треба да се чува и заштити“ – се наведува во честитката.

МАЕИ истакнува дека заштитата и употребата на јазикот на македонската заедница во Албанија претставува особено голем предизвик.

„Дискриминацијата и непочитувањето на мајчиниот јазик може да доведе до негово губење. Државата и јавните институции имаат суштинска улога во неговата заштита и унапредување. Ова може да вклучува употреба на јазикот во официјални документи, сите нивоа на образованието, локални и национални медиуми, како и финансиска поддршка за иницијативите и организациите кои работат на зачувување и промоција на македонскиот јазик“ – се нагласува понатаму.

Партијата додава дека и поединците можат да направат разлика преку ценење и користење на својот мајчин јазик.

Во Албанија живеат над 100.000 Македонци, а македонскиот јазик се зборува во региони како Преспа (каде што постои настава на македонски), Голо Брдо (настава на македонски во периодот 1945-1948), Гора, селото Врбник, областа Девол (каде што настава на македонски се одржувала до 2014 година), како и во градовите Тирана, Драч, Елбасан, Подградец, Корча, Билишта и други.

CATEGORIES
Share This