КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ ВО СПЕЦИЈАЛИЗИРАНАТА БОЛНИЦА ОТЕШЕВО – Оштетено Министерството за здравство
Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривични пријави против две лица од Битола и Ресен, поради сериозни злоупотреби поврзани со фиктивни договори и исплата на средства без извршени услуги во Специјализираната болница Отешево.

Кривична пријава е поднесена против А.П. (68) од Битола, поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и против М.Д. (60) од Ресен, поради сомнение за сторено дело „злоупотреба на лични податоци“, соопшти СВР Битола.
Според полициските информации, првопријавената А.П., во својство на директорка на болницата, во текот на 2022 и 2023 година склучила три договори на дело со едно лице од Ресен. Од нив, два договора ги потпишала лично, а третиот бил потпишан од трето лице, без знаење или ангажираност на лицето во прашање. И покрај тоа, договорот се однесувал на наводно изведување градежни активности.
А.П. ги одобрила и потпишала исплатните налози користејќи службен токен, со што биле исплатени вкупно 145.904 денари од жиро сметката на установата, нанесувајќи директна финансиска штета на Министерството за здравство.
Во случајот е инволвирана и М.Д., вработена како правник и советник за човечки ресурси, која, како што стои во пријавата, без согласност од лицето ги изготвила договорите и ги искористила неговите лични податоци и трансакциска сметка. На тој начин, средствата биле исплатени по основа на фиктивни услуги.
Случајот дополнително ќе се разгледува од страна на надлежното Јавно обвинителство.


