ЕУ БАРА УСТАВНИ ИЗМЕНИ – Мицкоски бара јасна посветеност од Брисел

Од Владата информираа дека на средбата се разговарало за европската перспектива, реформите, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.

ЕУ БАРА УСТАВНИ ИЗМЕНИ – Мицкоски бара јасна посветеност од Брисел
Фото: Влада

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Скопје порача дека Северна Македонија мора да ги спроведе уставните измени за да продолжи европскиот пат на државата. Таа допатува во земјава во рамките на својата балканска турнеја.

„Целосно ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија. Следниот и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен – треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“, објави фон дер Лајен на Икс по средбата со премиерот Христијан Мицкоски, на која немаше заедничка прес-конференција.

Од Владата информираа дека на средбата се разговарало за европската перспектива, реформите, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.

„Премиерот Мицкоски ја истакна решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Тој нагласи дека државата очекува од ЕУ јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“, се наведува во владиното соопштение.

Фон дер Лајен во Скопје се сретна и со претседателот на Собранието, Африм Гаши. Таа објави дека Северна Македонија веќе добила 16 милиони евра за успешно реализираните реформи.

„Во меѓувреме ја доближуваме вашата земја до нас. Тоа е суштината на Планот за раст. Отвораме фабрика за вештачка интелигенција во Скопје, ве вклучуваме во Единствената платежна зона на Европа и исплаќаме 16 милиони евра благодарение на направените реформи“, напиша таа.

Во рамките на дигиталната трансформација, вчера беше претставен проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција (ВИ). Со вредност од околу 6 милиони евра, проектот се реализира со поддршка од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата „ЕуроХПЦ“, а го кофинансираат Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ, кој е носител на проектот.

Центарот ќе функционира како придружна единица на европската фабрика „Фарос“ со седиште во Грција, што ќе им овозможи на македонските институции, истражувачи, компании и стартапи пристап до суперкомпјутери и напредни податочни простори.

„Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија. Со ‘Везилка’, државата станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Тоа е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница“, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

„Везилка“ ќе служи и како центар за обука и развој на човечки капитал, со програми за едукација, практични проекти и тренинзи во областа на вештачката интелигенција.

CATEGORIES
Share This