120 МИЛИОНИ ДЕНАРИ БЕЗ ТРАГА – ВЛЕН бара одговорност од Османи
Според движењето, ваквото постапување на институциите создава впечаток дека Османи е под нечија заштита

Еден месец по објавувањето на негативниот извештај на Државниот завод за ревизија за трошењата во Министерството за надворешни работи во времето кога со него раководеше Бујар Османи, Обвинителството и судството сѐ уште не презеле никакви мерки – реагираат од ВЛЕН.
Од таму велат дека ревизорите откриле сомнителни исплати и недостиг на документација за над 120 милиони денари (околу 2 милиони евра) потрошени за организација на ОБСЕ самитот во Скопје без евиденција за испорачаните стоки и услуги, како и без трајна опрема што требало да остане во државна сопственост.
„Османи и претходно доби негативен извештај од Државниот завод за ревизија кога беше министер за здравство, со низа забелешки за незаконски постапки и сомнителни исплати. Денес гледаме ист шаблон – институциите молчат. Ако беше обичен граѓанин, ќе одговараше и за сообраќајна казна, но за Бујар Османи очигледно важат други правила“, се вели во соопштението на ВЛЕН.
Според движењето, ваквото постапување на институциите создава впечаток дека Османи е под нечија заштита. Тие потсетуваат дека Јавното обвинителство има законска обврска да отвори постапка по секој негативен извештај на Државниот завод за ревизија и предупредуваат дека доколку тоа не се направи, ќе биде втор случај кога Османи е свесно амнестиран за исти сомнежи и злоупотреби.
„Граѓаните заслужуваат вистина, отчетност и правда, а не политички имунитет за оние што ја користеле државата за лични цели. ВЛЕН ќе остане гласен и доследен – нема да дозволиме прикривање на злоупотреби и ќе бараме одговорност до крај“, порачуваат од движењето.


